Пресудата во судскиот спор ги задоволи двете страни

Белгискиот суд го изведе навидум невозможното, овозможувајќи им задоволство и на Европската комисија и на „Астра зенека“ во нивниот судски спор, пишува „Политико“.

Судот во Брисел нареди фармацевтската компанија да испорача 50 милиони дози вакцини против ковид-19 до крајот на септември или да плати казна од 10 евра по доза, во случај на застој. Со 30-те милиони дози кои „Астра зенека“ ги испорача кон крајот на март, пресудата значи дека компанијата треба да достави вкупно 80 милиони дози до 27 септември или да се соочи со казна до 500 милиони евра.

Одлуката на прв поглед изгледа како победа за Европската комисија, но исходот е далеку од барањата на ЕУ. На судските сослушувања минатиот месец, претставниците на ЕУ побараа од судот да и нареди на „Астра зенека“ испорачување на 120 милиони дози до крајот на јуни, како и на целокупната транша од нарачаните 300 милиони дози до крајот на септември или да се соочи со казни во вредност од неколку милијарди евра.

Со оглед дека фармацевтската компанија веќе испорача 70 милиони дози и планира достава на уште 10 милиони во претстојните неколку недели, веројатно нема да се соочи со казна, ниту пак со потешкотии за исполнување на судските барања, како што навел претстаник на „Астра зенека“ во судскиот случај.

– Но дозите вакцини во ниту еден миг не беа примарни во судскиот случај, во кој главна цел на Европската комисија беше намерата да докаже оти „Астра зенека“ не е во право. А ЕУ успеа во тоа – наведува „Политико“.

Одлуката ја потврдува позицијата на Европската комисија која тврди дека „Астра зенека“ не ги испочитувала обврските во склучениот договор, како што истакна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Европската комисија и „Астра зенека“ повторно ќе имаат судско соочување на 24 и на 29 септември за нивниот спор. Судот тогаш ќе треба да процени како „Астра зенека“ ја спроведува доставата на вакцини и да одреди дали ќе бидат потребни дополнителни акции, со што се очекува претстојната одлука да донесе јасен победник во спорот.