Антимафијашката комисија во италијанскиот парламент истражува дали криминалните организации ги пренасочуваат вакцините кон своите пријатели, на сметка на оние од критичните категории, особено на југот на државата каде што мафијата најчесто има контрола.

Зголемениот број на смртни случаи во Италија наведе многумина да се сомневаат дека вакцинацијата се одвива и прекуред, на што се осврна и италијанскиот премиер Марио Драги. Се зголемува и загриженоста дека мафијата ја користи својата моќ за одредени луѓе да се вакцинираат прекуред. Сомнително е зголемен бројот на здравствени работници кои се вакцинирани, сообено во регионите како Апулија, а вакцини примиле и градежни и административни работници, комуникациски консултанти и други, откако биле ставени на приоритетната листа.

Згора, произволното толкување на препораките на Министарството за здравство, овозможило вакцинација на оние кои имаат „дебели врски“, меѓу кои се политичарите, адвокатите, судиите и новинарите. Се смета дека регионите на југот – Сицилија, Калабрија и Кампанија, дале приоритетни дози вакцини на овие професии, во однос на луѓето над 80-годишна возраст.

Најмалку илјада лица се под истрага поради сомневање дека се вакцинирале прекуред, од кои 150 случаи се во Палермо. А градоначалникот на Корлеоне поднесе оставка откако беше обвинет дека ја злоупотребил функцијата за да дојде до вакцини за себе и за неговите советници.

Ваквата состојба ја поттикна антимафијашката парламентарна комисија да бара пристап до имињата на вакцинираните. Но, се смета дека вакцинацијата во Италија потфрлила при давањето на приоритет меѓу граѓаните, дури и во областите каде што мафијата нема големо влијание. Приоритетен статус добиле војската, затворениците, како и повеќе од милион наставници и професори, иако повеќето од наставата се одвива онлајн. А седум од секои 10 вакцини во Италија биле дадени на оние под 60 години, од јануари. Според целите поставени од ЕУ, барем 80 отсто од оние постари од 80 години во Италија, треба да примат барем една доза до 31 март. Институтот за меѓународни политички студии проценува дека околу осум илјади животи во Италија можеле да бидат спасени, од јануари, ако вакцините биле повеќе насочени кон повозрасното население.