Италијанската влада планира да ги продолжи мерките за спречување на коронавирусот до крајот на септември, што вклучува носење маски и одржување на физичко растојание.

Голем дел од тековните мерки треба да истечат в понеделник. Сепак, надополнет декрет се очекува да биде објавен наскоро.

Премиерот Џузепе Конте планира да ги продолжи мерките до 30 септември, објави италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Доколку се продолжат мерките, Италијанците ќе треба и натаму да носат заштитни маски во јавниот превоз и во јавните згради.

Маските се задолжителни и на отворени плоштади и на други јавни простори помеѓу 6 попладне и 6 наутро.

Автобусите ќе можат да се пополнат само до 80 проценти од нивниот капацитет. Луѓето ќе мора да стојат најмалку еден метар подалеку едни од други.

Поголемите собири ќе останат забранети, а фудбалските натпревари ќе продолжат да се играат без публика.

Во извештајот исто така се наведува дека сите патници кои доаѓаат од Хрватска, Грција, Малта и Шпанија ќе треба да достават доказ за негативен тест за коронавирус.

Ова е одговор на секојдневниот раст на бројот на нови случаи во Италија, со 1.700 случаи на инфекција регистрирани за 24 часа во петокот, што е највисоко ниво од почетокот на мај.