Во Италија од денеска почнува нова фаза од попуштање на мерките воведени поради коронавирусот: по три и пол месеци блокада, денес ќе започнат со работа кината и театрите. Се отвораат и летните центри за деца, може да се одржуваат разни настани, приредби и концерти, со ограничувања – на отворено може да присуствуваат максимум илјада луѓе, а до 200 лица во затворени простории.

Од денес се отворени и границите меѓу државите на Европската Унија, отворени се аеродромите и воздушниот сообраќај почна да се одвива без ограничувања, а најпрометниот италијански аеродром „Малпенса“ во Милано, пренесува агенцијата „Анса“, утрово е полн со патници, а воздушниот сообраќај се одвива според планот.

Почнуваат со работа дискотеките и студијата за танц, а во следните денови се очекува да бидат отворени и саемите.

Според указот на владата, мора да се почитуваат основните мерки за превенција од Ковид-19, како што се одржување физичка дистанца, носење заштитни маски, влегување и излегување од спротивни страни, мерење на температура и честа дезинфекција.

Спортските настани, во зависност од епидемиолошката состојба, можат да почнат на 25 јуни.

Италија е на седмо место по бројот на заболени од коронавирус во светот со потврдени 236.989 случаи. Од вирусот починаа 34.345 лица, а излекувани се 176.370 заболени. Активни се 26.274 случаи.

Италија беше една од најпогодените земји во светот со повеќе од илјада смртни случаи на ден, во текот на март и април.