Мерките за превенција на ковид-19 стануваат премногу скапи за едни за едни и прелесни за игнорирање за други

Епидемиите од минатото се исполнети со примери за непослушност и непочитување на мерките за заштита, како што било кршењето на карантинот за време на чумата во 18-от век, или протестите против носење маски за лице за време на пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година. Мрачната последица од непочитувањето секогаш е нов бран на смртоносни инфекции, пренесува „Блумберг“.

Иако бројката од милион смртни случаи предизвикани од ковид-19 е неспоредлива со бројот од 50 милиони мртви од 1918 година, сепак станува збор за слична ситуација. Франција, Шпанија и Велика Британија се соочуваат со опасност од три страни: зголемен број на случаи, популација исцрпена од рецесија предизвикана од карантините и зголемен отпор кон пропишаните, построги здравствени мерки. 

Мерките и карантинот ги затворија рестораните и кафулињата, бизнисите пропаѓаат, а на протестите против мерките не присуствуваат само теоретичарите на заговори. Оние што протестираат не треба да бидат сфатени како луѓе кои се себични и се сметаат за исклучок од правилата. Надвор од гласното малцинство, и тивкото мнозинство исто така ја губи вербата во бирократските структури. 

Иако мерките за носење маски и личната хигиена широко се почитуваат, според истражувањето на „ЈуГов“ спроведено во европските земји, поддршката за карантинот и самоизолацијата е значително опадната. Во Франција, само 48 отсто од луѓето  поддржуваат карантин за оние кои имале контакт со заразени лица, што е помалку од 78-те отсто во март. Поддршката за изолација исто така опадна во Велика Британија и Шпанија, иако во помал степен.

Во истражување спроведено во Велика Британија на 30.000 луѓе, помеѓу март и април, само 18,2 отсто пријавиле дека останале дома откако развиле симптоми, а само 10,9 отсто останале во изолација откако биле во контакт со заразено лице. 

Околу 10 до 11 отсто од испитаниците го навеле секојдневното работење меѓу причините за непочитување на мерките. Половина од британските работници со ниски примања всушност не можат да си дозволат да останат во своите домови и да се самоизолираат, бидејќи боледувањето е многу ниско платено во земјата. Други наведени причини вклучуваат грижа за ранлива личност (10-12 отсто) и психички стрес (8-11 отсто). Голем фокус е ставен на пристапот на европските земји за самоизолацијата, но релативно малку фокус е ставен на системите за социјална помош. 

Организацијата за економска соработка и развој со право ги охрабрува земјите да го продолжат боледувањето и другите поволности и придобивки на повеќе работници, особено на оние кои се самовработени. Треба да даде и некој вид на награда за оние кои се самоизолираат и ги почитуваат мерките, а идеално треба да биде придружена и со казна за оние кои не го прават тоа.

Но, за тоа е потребна доверба во мерките донесени од законодавците, како и нивно спроведување, нешто што не е случај во речиси ниедна земја досега, а луѓето не ја гледаат поентата во следењето на официјалните протоколи. Некои од тие правила, како затворање на кафулињата во 10 часот, наместо во 11, не се поткрепени со никакви научни објаснувања. Нејасните правила во голема мера доведоа до зголемување на недовербата кај граѓаните. 

Најмалку што законодавците можат да сторат е и самите да ги почитуваат сопствените правила кои ги имаат донесено во врска со коронавирусот. Некои од националните власти не ги знаат или не ги разбираат сопствените правила, како што беше случајот со изговорот на францускиот премиер Жан Кастекс, кој изјави дека „веќе не се вози во метро“, и затоа нема потреба да ја инсталира апликацијата за следење на заразените од ковид-19, или пак, случајот за Доминик Камингс, главниот помошник на британскиот премиер Борис Џонсон, кој покрај симптомите, го прекрши карантинот под изговор да ја посети неговата девојка.

Има бесконечен број примери, а законодавите кои ќе одлучуваат за или против нов карантин, кој овојпат можеби ќе трае подолго, треба да се обидат да сторат повеќе за да ги намалат причините поради кои ќе дојде до негово воведување.