Група од 22 истражувачи објави писмо во кое се бара брза и радикална акција на шведската влада за да се спречи понатамошното ширење на ковид-19 во земјата и можниот колапс на нејзиниот здравствен систем, пренесува РТ.

Во писмото се критикува владата поради стратегијата за колективен имунитет и се тврди дека шведските здравствени власти ја изневериле земјата зашто вовела само неколку, а и тие, лабави, ограничувања.

Според групата, Шведската агенција за јавно здравје барем четири пати потврди дека стапката на зараза во земјата нагло расте.

– Тие не покажаа намера да ги менуваат своите препораки дури и кога кривата во Шведска почна радикално да се разликува од оние во соседните земји – велат истражувачите.

За пример, Шведска има 11.445 потврдени случаи на инфекција со ковид-19 и 1.033 смртни случаи. Во меѓувреме, цифрите кај соседите на Шведска, кои воведоа далеку построги мерки за движење и јавна активност, се далеку пониски. Нивните рестриктивни мерки вклучуваат затворање училишта, затворени барови, кафулиња и ресторани и сериозно ограничување на јавните собири.

Данска има регистрирано 6.706 заразени и 299 смртни случаи, Норвешка пријави 6.623 заразени и 139 смртни случаи, а Финска пријави 3.161 заразени и 64 смртни случаи. За разлика од своите нордиски соседи, Шведска одлучи да се потпре на социјалното дистанцирање и доброволното самоизолирање, избегнувајќи какви било строги мерки наметнати од владата.

– Ова се случи затоа што добија дискутабилни пораки од јавното здравство и од избраните функционери. Ако не преземеме моќна акција сега, ќе треба да го сториме тоа подоцна – вели Јан Лотвал, професор по клинички алергии на Универзитетот во Гетеборг.

Во своето последно писмо, истражувачите ја повикуваат владата да воведе низа мерки, вклучително и итно затворање на училиштата и рестораните, масовно тестирање на здравствените работници и наметнат карантин во семејствата во случај на потврдена инфекција.

Сепак, човекот кој стои зад владината стратегија, државниот епидемиолог Андерс Тегнел, не го дели нивното гледиште.

– Не разбирам што сакаат да кажат. Здравствениот систем има контрола врз ситуацијата. Ако ја погледнете кривата, континуирано имаме околу 60 починати дневно. Имавме несреќен развој во грижата за стари лица и почнавме да работиме на тоа – рече Тегнел.

Тегнел посочи на Њујорк, кој има приближно ист број жители како Шведска, но десет пати поголем број на жртви, како пример за очигледен неуспех на мерките за ограничено движење.