Компанијата „Фајзер“ веќе се соочува со неколку проблеми поврзани со транспортот на нивната вакцина против ковид-19 во САД. Тие вчера објавија дека милиони дози од вакцината се наоѓаат во складишта бидејќи американската влада не им доставила крајна локација за достава, пренесува „Бизнис инсајдер“. 

Изјавата беше дадена ден откако министерот за здравство на САД, Алекс Азар, на прес-конференција сугерираше дека компанијата за лекови има „проблеми со производството“. Гувернери и медицински службени лица исто така се пожалија дека добиле помалку дози од она што им било ветено, пренесува „Асошиејтед прес“.

Од „Фајзер“ на ваквите обвинувања одговорија дека немаат никакви проблеми со производството на нивната вакцина и дека „ниту една пратка што содржи вакцина не е во мирување или пак е одложена“.

– Неделава успешно пративме 2,9 милиони дози кои ни беа нарачани од владата на САД до наведените локации. Но, засега нема добивме никакви упатства за пратките за дополнителни дози – се додава во соопштението на „Фајзер“. 

Двајца високи претставници на администрацијата на Трамп, кои анонимно зборуваа за „Асошиејтед прес“, вчера изјавија дека дозите се држат намерно во фабриката за производство на „Фајзер“ во Мичиген.

Но, планот досега бил да се дистрибуираат 2,9 милиони од 6,4 милиони дози произведени во првиот бран, изјавија официјалните лица на „Фајзер“, со цел да бидат сигурни дека луѓето кои ја примиле првата доза од вакцината ќе можат да ја добијат и потребната втора доза. Дополнителни 500.000 дози се држат во резерва, во случај на појава на непредвидени проблеми. 

Неименуваните службеници обвинија дека државните службеници се жалат поради  недоразбирање и рекоа дека целосната распределба на вакцините ќе пристигне.


Проблеми со транспорт и со температурата на контејнерите

„Фајзер“ и „Бионтек“ веќе се соочија и со проблеми во врска со транспортот на ковид-вакцината, односно со температурата во транспортните контејнери. Со цел успешно да се обезбеди безбедна испорака, американската влада, производителите на лекови и компаниите за испорака мораа да работат заедно за да развијат мрежа на уреди за следење и системи за откривање на проблеми при транспортирањето.

Контејнерите кои се опремени со сензори, уреди за следење и сув мраз, што му овозможи на тимот да гледа како температурите на два од пратките за Калифорнија  паднала под прифатениот праг од минус 44 Целзиусови степени. Секоја кутија е опремена со ГПС-систем, монитор за следење температура и баркод. Ако ампулите се загреваат или оладат, службените лица во компаниите и владата веднаш се предупредени на проблемот.

Засега останува нејасно зошто температурата на три пратки паднала на минус 56 Целзиусови степени.

– Работиме со Центрите за контрола и превенција на болести, Агенцијата за храна и лекови (ФДА) и со „Фајзер“ за да утврдиме дали таа аномалија е безбедна или не, но засега не ризикуваме – вели генералот на американската армија Густав Перна.