Делта-сојот на коронавирусот, кој се шири побрзо од претходните варијанти, може да биде отпорен на делумна вакцинација, покажа студија на францускиот институт „Пастер“.

Истражувачите ја тестирале крвта на луѓето кои претходно биле заразени со ковид-19, како и на оние кои примиле само една доза вакцина од „Фајзер“ или „Астра зенека“, заклучувајќи дека овој вид заштита не е доволен за неутрализирање на делта-сојот.

Ова покажува дека само две дози вакцина штитат од овој вид.

Оливие Шварц, авторот на студијата и раководител на одделот за вируси и имунитет на францускиот институт „Пастер“, изјави дека резултатите од студијата ги објаснуваат причините за зголеменото пренесување на делта-сојот.

– Оваа студија покажува зошто вакцинацијата има заштитна улога од делта-сојот само по две дози на вакцината. Една доза од вакцината не активира доволни количини на неутрализирачки антитела – рече Шварц.