Индонезија почна со тестирање на вакцина против коронавирус, изработена од лабораторијата Синовац Биотек. Ова е една од ретките вакцини во последната фаза од клиничките испитувања пред да добие дефинитивно одобрение за употреба.

Тестирањето на вакцината е предвидено да трае до февруари и се врши врз 1.600 волонтери. Доколку по овие тестови се покаже дека вакцината е ефикасна, индонезиските власти предвидуваат дека ќе произведат голем број дози за тој голем архипелаг со 270 милиони жители.

– Заканата од ковид-19 нема да заврши сè додека не се вакцинираат сите Индонезијци – нагласи индонезискиот претседател Џоко Видодо.

Вакцината во исто време се тестира на 9.000 волонтери во Бразил, втора најтешко погодена земја од пандемијата на коронавирусот по САД.