Врховниот суд во Индија им нареди на државните власти да платат по 672 долари како надомест за секоја смрт од Ковид-19, како начин да им помогнат на семејствата да се справат со загубата, според одредба во која агенцијата „Ројтерс“ имала увид.

Индија пријави вкупно 449.260 смртни случаи, иако експертите велат дека бројката не е многу прецизна бидејќи многумина починале во оддалечените делови на земјата. Експертите тврдат и дека во големите градови како Њу Делхи, голем број смртни случаи не се пријавени бидејќи на болниците им снемало слободни кревети.

Подносителите на барањето до Врховниот барале Националната управа за катастрофи, преку која владата обезбедува финансиска помош во природни катастрофи, како што се земјотреси, да обезбеди најмалку осум пати поголем надомест.

Во соопштението, владата се согласи да плати минимален износ од државниот фонд за катастрофи што ќе го распределат локалните власти.

„Сите надлежни ќе дејствуваат за да помогнат да ги избришеме солзите на оние што страдаат од загубата на член од семејството поради Ковид-19“, се вели во одлуката на Врховниот суд.

Индискиот Врховен суд им нареди на органите на државната управа да ги прекинат бирократските процедури и да ги решат сите барања во рок од 30 дена по поднесувањето.

Здравствениот систем во земјата колабира под товарот на огромниот пораст на бројот на заразени во април и мај, во голема мера предизвикан од позаразната и опасна делта варијанта на вирусот, при што, според официјалните податоци, само во мај, починале најмалку 170.000 лица.