Индија моментно е епицентар на пандемијата. Пред неколку недели регистрираше околу 50 илјади случаи дневно, а вчера беа забележани 315 илјади новозаразени во период од 24 часа, што е нов светски рекорд во пандемијата. Вчерашниот ден беше и со најголем број на смртни случаи во азиската држава, а постои сомнеж дека податоците не се потполни, со што бројот би можел да биде и поголем, пишува „Форин полиси“.

Критичарите делумно ги обвинуваат властите во Њу Делхи за справувањето со ситуацијата, која навидум е предизвикана од ширењето на нов сој на ковид-19, поради нивниот бавем одговор додека Индија се соочува со здравствена криза.

Индискиот здравствен систем е пред колапс поради бројот на пациенти, односно намалувањето на резервите на кислород и бројот на слободни кревети во болниците. Индија моментно нема ниту доволен број на вакцини откако извезе милиони дози.  А досега, речиси 20 милиони Индијци се потполно вакцинирани, од населението кое брои над една милијарда.

Експертите сметаат дека ширењето на британскиот вид и фреквенцијата на движење на населението кое не носи заштитни маски придонеле за здравствената криза. Исто така, во Индија се одржаа избори, како и фестивалот на реката Ганг кој привлече милиони посетители. Но појавата на позаразната индиска варијанта на ковид-19, се чини дека преставува главниот фактор за новиот бран. Индиските минатиот месец предупредија за новите видови со зголемена инфективност, а се претпоставува дека индискиот сој циркулирал уште од октомври минатата година.

Стапката на нови случаи не покажува знаци за намалување, а научниците стравуваат и од нови мутации на вирусот. Додека Индија се мачи да го скроти ширењето на заразата, пандемискиот кошмар веројатно нема да заврши наскоро, заклучува „Форин полиси“.