Илустрација: Фајненшл тајмс

На почетокот на ковид-пандемијата, водечките фармацевтски компании од светот размислуваа за долгата и непрофитабилна историја на борба против епидемиите на заразни болести во минатото. Од појавата на ковид-19 минатиот декември, па сѐ до средината на мар т, тие одговараа на предизвикот со штама, пишува „Фајненшл тајмс“.

Компаниите „Фајзер“ и „Мерк“ беа меѓу оние кои на почетокот беа неодлучни дали да се вклучат во истражувањата за откривање ковид-вакцина. Соочени со потребата да се развие вакцина во краток временски рок, под огромен притисок на јавноста, и евентуално без профит, ваквата одлука се чинеше исполнета со ризици. Сега, десет месеци подоцна, на вакцината работат 202 компании, а 47 продукти се клинички тестирани. Неделава „Фајзер“, во соработка со германската „Бионтек“, ја објавија нивната успешна вакцина, која користи врвна информациона-РНK технологија и е со 90-отстотна ефективност, а акциите во двете компании забелажаа раст од 7,7 отсто и од 13,9 отсто соодветно. 

Според експертите, два фактора ја зголемија заинтересираноста на фармацевтските компании во креирањето на вакцината: обемот на пандемијата и средствата за јавно финансирање какви што досега не се забележани.

Пазар на иднината

Во минатото, борбата против вирусите Зика и САРС неочекувано заврши откако вирусите сами по себе ненадејно исчезнаа, оставајќи ги компаниите кои беа во потрага по вакцина без заработка. 

– Откако компаниите инвестираа и до стотици милиони долари за откривање на вакцина против овие вируси, притоа запоставувајќи други проекти, тие се чувствуваа како  напуштена невеста пред олтарот на денот на венчавката – вели Гери Набел, кој работел како главен научен директор во „Санофи“. 

Голем број експерти сега сметаат дека ковид-19 ќе стане ендемија и ќе биде трн за човештвото во годините кои следат. Тоа значи дека дури и за компаниите кои ветија дека нема да остварат профит за време на пандемијата, како што се „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“, би можеле да имаат значителен пазар и профит најрано од 2021 година.

Други, како што се „Фајзер“ и „БајоЕнТек“, не се обврзаа на непрофитен модел за време на пандемијата, а аналитичарите проценуваа комбиниран приход од 3,5 милијарди долари за двете компании, само следната година. Како модел за потенцијалниот пазар, аналитичарите укажуваат на вакцината против грип, со просечна глобална продажба проценета на околу четири до пет милијарди долари годишно, поделена главно меѓу „Санофи“, „ГлаксоСмитКлајн“ и „Секирус“.

Аналитичарот Џефри Порџис предвидува дека е можен профит од 9,56 милијарди долари во глобалната продажба на вакцините од ковид-19 во 2021 година, што ќе се намали на 6,8 милијарди долари до 2023 година. Сепак, тој признава оти ова е само претпоставка, бидејќи е нејасно колку би траел имунитетот од вакцините. 

Втората причина компаниите да се обестрашат беа интензивните и досега невидени инвестиции од јавни тела, пред сѐ од страна на американската влада. Стотици милиони долари им беа доделени на овие компании што „им го запре здивот“ на научниците, тврдат аналитичарите. „АстраЗенека“ доби 1,2 милијарди, „Џонсон и Џонсон“ 1,5 милијарди долари, „Модерна“ 2 милијарди долари, а „Фајзер“ 1,95 милијарди долари.

Потврдување на нови технологии за вакцинирање

Минатата година се покажа дека фармацевтската индустрија е меѓу секторите со најслаба репутација во САД. Сега, за фармацевтските компании се зборува низ целиот свет, проследено со појавата на најголемиот глобален нагон за спас на човештвото од вирусот.

За помалите фармацевтски компании, пак, пандемијата понуди можност да ја докажат одржливоста на нивните технологии. За поголемите корпорации, чија репутацијата беше нарушена со скандалите поврзани со цените на лековите и неетичкиот маркетинг, ковид-19 претставува шанса за искупување и профит.