Израелски здравствени службеници денеска упатија повик, тинејџерите на возраст од 12 до 15 години да се вакцинираат, повикувајќи се на можноста од нови епидемии и новозаразени што се припишува на заразната Делта-варијанта на коронавирусот.

Израел ја прошири можноста за вакцинирање кај адолесцентите минатиот месец, а бројот на заразени опадна во последните неколку недели.

Од вкупно 9,3 милиони жители, одзивот за вакцинацијата застана на 55 проценти, што укажува на тоа дека возрасната популација во голема мера престанала да се вакцинира.

Но, враќање на ковид-19, според тамошните медиуми, било забележано во две училишта минатата недела, и тоа придонело за дневно зголемување на позитивната стапка на новозаразени од месечен просек од 0,1 процент на 0,3 проценти во саботата и 0,6 проценти во понеделникот, покажаа податоците на министерството.

Министерството најверојатно ќе издаде препорака за вакцинирање на адолесценти на возраст од 12 до 15 години, рече Нахман Еш, национален координатор за пандемија.

– Мислам дека сигурно би било правилно во оваа фаза, кога ќе видиме избувнување на новата делта варијанта во земјата. Не мора да чекаме да се зголемат бројките. Видовме голем број новозаразени деца во текот на изминатата недела – рече тој.

Покрај тоа, израелските власти соопштија дека размислуваат за воведување казни за родителите чии невакцинирани деца не одат во самоизолација по пристигнувањето во земјата од странство, како што тоа го налагаат прописите во државата.