Иднината на светот зависи од белгиски Пурс, место толку мало што неговиот паркинг се нарекува „срцето на селото“. „Фајзер“ очекува да ја произведува вакцината против ковид-19 што ја создаде со „Бионтек“ токму во ова место со 17 илјади жители, пишува „Политико“.

Пурс во Белгија досега беше познат по пивото, но производството на вакцината го смени тоа. Градоначалникот Коен ван ден Хувел се гордее со „фармацевтскиот бум“ на Пурс кој стана една од најголемите производствени локации на „Фајзер“ во 1963 година, каде што сега се произведуваат над 400 милиони дози вакцини и лекови годишно. 

Изборот на Пурс за производството на вакцини се должи и на локацијата на Белгија, која е во срцето на Европа. Бриселскиот аеродром беше еден од првите кои добија одобрение за транспорт на лекови, а половина од производството на лекови на Белгија се извезува надвор од ЕУ.

Ван ден Хувел признава дека гратчето имало среќа да биде избрано за производството на „Фајзер“, но и дека тој прави сѐ за Американците да останат во Пурс. Компанијата дури купила локален пат за да може да поврзе две од нејзините локации, а лесно добила дозволи и за поставување на две ветерници во 2013 година, како и неодамна, за катна гаража.

Удоволувањето на „Фајзер“ од страна на властите честопати е повод за незадоволство од опозицијата, но нејзините лидери признаваат дека во Пурс има голема поддршка за „Фајзер“, која овозможува три илјади работни места. А во фармацевтскиот сектор се вработени вкупно пет илјади луѓе.

Ван ден Хувен истакнува дека локалното производство на вакцината, ако таа добие одобрување од надлежните, сепак, нема да значи и поголема достапност за тамошното население.