Кога Индонезија завчера ја почна кампањата за масовна вакцинација против ковид-19, претседателот Џоко Видодо беше првиот што се вакцинираше. На 59-годишна возраст тој беше на работ на старосната-граница за вакцинација. А потпретседателот Маруф Амин (77) беше сметан за престар за имунизација, пишува „Вашингтон пост“.

Ова е резултат на стратегијата на Индонезија, според која вакцините треба да бидат резервирани за лицата помлади од 60 години, која е во спротивност со практиката во повеќето држави, кои прво ја вакцинираат повозрасната популација.

Владата на Индонезија го образложи поинаквиот пристап. Властите се загрижени поради недоволното истражување во однос на тоа како вакцинацијата ќе влијае врз повозрасните. Особено бидејќи во крајната фаза на тестирање во азиската држава со население од 270 милиони не беа вклучени оние над 60-годишна возраст. А властите одлучија и дека вакцинацијата на младите е најдобар начин да се сузбие ширењето на вирусот. Индонезискиот министер за здравство Буди Гунади Садикин кажа дека владата цели кон „оние кои полесно можат да се заразат и да го шират коронавирусот“.

Токму затоа, во Индонезија приоритет има работното население, кое беше и најпогодено од коронавирусот. А предност имаат здравствените работници, полицијата, војската, вработените во образованието и јавните служби, како и таксистите.

Индонезија ја одобри кинеската вакцина за итна употреба, откако објави дека крајната фаза на тестирање покажала дека таа има ефективност од 65,3 отсто. Власта планира вакцинација на околу 1,5 милиони здравствени работници со вакцината на „Синовак“ до следниот месец.

Азиската држава се надева дека со успорување на ширењето на вирусот меѓу помладото население ќе ги заштити и повозрасните, бидејќи во повеќето индонезиски семејства заедно живеат неколку различни генерации.