По зголемениот број нови случаи на коронавирус, неколку шпански региони постепено се затвораат – некаде се затвораат дискотеките, некаде се ограничува работното време на продавниците, а некаде повторно се воведува полициски час.

Каталонија, епицентарот на петтиот бран на пандемијата, се подготвува од регионалното судство да добие зелено светло за воведување полициски час во најпогодените градови, вклучително и Барселона, објавија каталонските медиуми.

Од минатиот викенд дискотеките нема да бидат отворени најмалку 15 дена, а негативен тест е неопходен за присуство на настани на отворено, каде што има повеќе од 500 луѓе.

Други региони презедоа или подготвуваат слични мерки. Валенсија повторно воведе полициски час од 1 до 6 часот наутро и го ограничи на 10 бројот на учесници на собири во 32 места со повеќе од 5.000 жители.

Многу позаразната делта-варијанта на вирусот предизвика експоненцијално зголемување на случаите во последните неколку недели, претежно кај младите луѓе.