Претстојниот самит на ЕУ закажан за 26 и 27 март ќе се одржи преку видеоконференција поради кризата со коронавирусот, со што шефовите на државите и владите за првпат нема да отпатуваат во Брисел на собир од овој карактер, според претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Повеќето министерски средби во ЕУ исто така се одржаа преку видеоконференција по засилувањето на епидемијата.

Една од главните теми на овој самит ќе биде отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, покрај здравствената криза и буџетските прашања. Последните нацрт-заклучоци укажуваат на тоа дека и двете земји ќе добијат зелено светло.

Холандија неодамна даде согласност за Албанија, со што се деблокира прашањето на европско ниво, но се очекува Македонија да добие меѓувладина конференција пред Албанија.