Доналд Трамп не носеше заштитна маска ниту за време на посетата на фабриката која ги произведува

Со вестите дека Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, е болен од ковид-19, вирусот навлезе во Кремљ, Даунинг стрит, дворецот Планалту и во Белата куќа, пренесува „Гардијан“.

Владимир Путин, Борис Џонсон, Жаир Болсонаро и Доналд Трамп се многу различни политичари. Но едно нешто им е заедничко – носењето на заштитна маска за време на пандемијата, како да се коси со нивниот мачо-стил на владеење. Министри и помошници на четворицата лидери заболуваа од ковид-19, а мачо-држењето можеби е една од причините за брзото ширење на вирусот меѓу нив.

Трамп не носеше заштитна маска дури и за време на посетата на фабриката која ги произведува, Болсонаро одбива да одржува растојание, се ракува и гушка со неговите следбеници, Џонсон се ракуваше со сите за време на посетата на одделот за коронавирус во болница, за подоцна и самиот да биде примен откако беше позитивен на ковид-19, а Путин, откако носеше скафандер, веднаш се ракуваше со докторот Денис Проценко, кој испадна дека е болен од вирусот. Сега, неговиот портпарол, како и премиерот, се исто така болни од вирусот. 

– Да се постапува според безбедносните мерки е контрадикторно со суштинскиот принцип на машкост: никогаш не покажувај никаква слабост – вели Питер Глик, научник и коавтор на студија која покажува како „културата за натпреварување на машкоста“ им нанесува штата на работните места. 

Овие четворица лидери имаат изграден имиџ на моќници и сакаат да се претстават пред масите како решителни фигури, иако вирусот има други планови. Вирусот не бира кого ќе нападне, но сепак од него се заразија и оние кои го негираа, како и оние кои не се дел од мачо-дружината и се трудеа да се заштитат себеси. Таков беше случајот на унгарскиот премиерот Виктор Орбан, кој предизвика контроверзи од спротивен карактер, откако беше фотографиран како ја посетува болницата во раните фази на пандемијата носејќи Н95 маска, додека главниот лекар носеше само едноставна хируршка.

За разлика од Орбан, постоеше и спротивен, екстремен случај. Белорускиот претседеател, Александар Лукашенко, изјави дека „подобро е да се умре стоејќи отколку да се живее на колена“ и не воведе рестриктивни мерки со кои ќе се спречи ширењето на заразата.

За Трамп и неговите поддржувачи, носењето заштитна маска е знак на слабост. 

– Едноставно не се гледам себеси со таква маска во Белата куќа додека ги пречекувам претседателите, премиерите, диктаторите и кралевите. Можеби некогаш ќе го променам ставот – изјави Трамп.

Американскиот претседател и неговиот потпретседател Мајк Пенс одбија да го преземат она за што повеќемина научници се согласуваат дека е наједноставна претпазливост за време на пандемијата. 

Ваквото однесување создаде еден вид на парадокс. Путин и Трамп се едни од најзаштитените претседатели во светот, опкружени со обезбедување кое ги чува од луѓето кои ги среќаваат, на местата кои ги посетуваат, како и од храната која ја јадат. 

Во споредба со ова, Словачка, европската нација со најмал број на жртви по глава на жител, сериозно ја сфати заканата. Во март, владината коалиција положи заклетва додека сите присутни носеа маски, претседателката Зузана Чапутова се појави на сите јавни настапи носејќи маска. Дури и презентерите на телевизиите ги читаа вестите носејќи маски, за да испратат силна порака до населението дека нема ништо срамно или „помалку мажествено“ во носењето медицинска заштита. Словачка сега излегува од карантинот, откако претрпе само 27 смртни случаи од вирусот. 

Болсонаро, и до одреден степен Трамп, се чини дека се управувани од популистичка недоверба на науката, додека другите лидери можеби се чувствуваат ограничени од политичките брендови што самите ги изградија. Можеби овде игра улога и еден друг човечки импулс – разбирање на ризиците, но сепак чувството дека тие се над нив.

– Луѓето се создадени така што, и покрај тоа што знаат за опасноста и ризикот и дека треба да бидат подготвени да се соочат со нив, сепак, длабоко во себе мислат дека можат да ги избегнат – изјави Песков додека е хоспитализиран од вирусот.