Алесандро Марџиота успеа да најде работа како работник во магацин, по повеќемесечна потрага. Неговиот договор е на шест месеци, но Италијанецот смета дека е подобро да го работи тоа, отколку да биде без работа. Како и многумина негови млади сонародници, тој се нафати за привремениот ангажман надевајќи се дека би можел да стане долгорочно решение. А потоа, дојде панедемијата и ги урна сите надежи пишува „Политико“.

– Не работам уште од март, а во јуни ми рекоа дека не можат да го обноват мојот договор – вели Марџиота, кој живее во Болоња заедно со таткото-пензионер и со неговиот вујко кој е неподвижен.

Ако пандемијата имаше разурнувачки ефекти врз повозрасната, ранлива популација низ светот, таа исто така предизвика криза и меѓу младите луѓе. Многумина млади работници останаа без приходи во карантинот, а во многу случаи и без можност да ја планираат иднината.

За генерацијата која стаса за време на мамурлакот од финансиската криза во 2008 година, ова е особено тежок удар. Сега, по нешто повеќе од една деценија, таа се соочува со уште потешки изгледи – економија во карантин и тешко нарушен пазар на трудот, додека крајот на неизвесноста не е ниту на повидок.

Во Италија, работните места згаснати во пандемијата ги држеа главно луѓе под 35-годишна возраст.

Семејството на Марџиота се одржува благодарение на владината програма за финансиска помош и со пензијата на таткото.

– Мојот татко ми помага плаќајќи ми го бензинот и преку пазарење. Не е лесно. Не можам да помислам на тоа што ќе се случуваше доколку имав деца – вели Марџиота.

Според Обединетите нации, нешто повеќе од еден на секои шест луѓе на возраст помеѓу 18 и 29 години престанале да работат од почетокот на пандемијата. А оние што ја задржале работата се соочуваат со намалување на работното време за 23 отсто.

Младите се на удар бидејќи околу 40 отсто од нив работеа во сектори кои беа најтешко погодени од кризата – како што се туризмот и здравствената нега, а речиси 77 отсто од нив вршеа привремена работа со мала сигурност.

Младите луѓе ширум Европа ги чувствуваат последиците. Во Германија, бројот на луѓе кои останаа без работа се очекува да достигне три милиони летово, а во Британија има предупредувања дека околу милион луѓе под 25 години ќе останат без работа до крајот на годинава, ако владата не преземе мерки. Но проблемот е особено сериозен во Јужна Европа.

Во Шпанија, Грција, Италија и во Франција ригидните пазари на трудот традиционално не им овозможуваат долгорочни договори на младите, што доведува до повисоки стапки на невработеност меѓу нив. Тие држави во голема мера зависат од туризмот што значи дека се особено погодени од кризата.