Tајванската претседателка Цаи Инг-вен

Авторка: Лета Хонг Финчер

Си-ен-ен

Во Тајван, рано воведените мерки толку успешно го ограничија ширењето на коронавирусот, така што сега државата извезува милиони маски за да им помогне на ЕУ и на другите земји. Германија ја спроведе најмасовната програма за тестирање во Европа во која неделно се правеа 350.000 тестови, со што се овозможи доволно рано откривање на вирусот за пациентите да можат да се изолираат и ефикасно да се лекуваат. Во Нов Зеланд, премиерката рано презеде мерки за да го запре туризмот и да воведе едномесечен карантин во целата држава поради што од вирусот починаа само девет лица.

Сите три држави добија неизмерни пофалби за импресивното справување со пандемијата на коронавирусот. Државите се наоѓаат на три различни страни во светот: една во срцето на Европа, друга во Азија, а трета во Јужниот Пацифик. Но едно нешто им е заедничко, а тоа што на нивно чело стои жена. Успешноста на овие и на други влади предводени во жени во справувањето со светската пандемија е за поздрав, особено затоа што жените се застапени со помалку од седум отсто меѓу светските лидери. Овие држави, кои се повеќепартиски демократии со високо ниво на јавна доверба во владите, рано ја спречија епидемијата со помош на научната заедница. Спроведоа масовни тестирања, ран пристап до квалитетен медицински третман, агресивно следење на контактите на пациентите и строги рестрикции на социјалните собири.

Тајван, кој е демократија со речиси ист број на население како Австралија (24 милиони жители), не е член на СЗО и требаше да се најде на силен удар на епидемијата поради географската близина со Кина. Кога тајванската претседателка Цаи Инг-вен дозна за мистериозниот вирус во Вухан лани во декември, таа веднаш нареди да се прегледуваат сите авиони што оттаму пристигнуваа. Потоа формираше команден центар за епидемијата, го зголеми производството на заштитна медицинска опрема и ги ограничи сите летови од Кина, Хонгконг и Макао. Поради раните и агресивни мерки, епидемијата се ограничи на само 393 регистрирани случаи и шест починати. Американскиот Стејт департмент го пофали успехот на Тајван и побара да биде набљудувач во собранието на СЗО.

Германија со 83 милиони жители регистрира 132.000 зарази, но има многу ниска стапка на смртност што е далеку помала од оние на другите европски земји. Драстично порасна рејтингот на германската канцеларка Ангела Меркел која има докторат по квантна хемија. Германија има најмногу сместувачки капацитети за интензивна нега и најмасовна програма за тестирање во Европа.

Премиерката Џасинда Ардерн ги затвори границите на Нов Зеланд за странски посетители на 19 март, а на 23 март воведе четиринеделен карантин во државата, во кој сите несуштински работници останаа дома освен продавниците за храна и беше дозволено спортување во населбите. Државата спроведе масовно тестирање во кое беа откриени 1.300 случаи, а има само девет починати. Иако има уште две недели до крајот на карантинот, Ардерн порача дека нема рано да биде укинат.

Нордиските земји

Четири од пет нордиски земји се предводени од жени. Нивните држави имаат ниска стапка на смртност од коронавирусот во споредба со другите делови во Европа. На пример, финската премиерка Сана Марин (34) е најмладата лидерка во светот, но 85 отсто од јавноста ја поддржува поради подготвеноста за пандемијата. Беа регистрирани само 59 смртни случаи кај населението од 5,5 милиони жители. Споредено со Шведска, која е единствената нордиска земја предводена од маж, премиерот Стефан Лефвен одби да воведе карантин, а и натаму се отворени училиштата и продавниците. Таму стапката на смртност е повисока од многу други европски земји.

Други шефици на држави исто така се најдоа на насловните страници поради жестокиот одговор на коронавирусот. Премиерката на карипскиот остров Сент Мартин, Силверија Џејкобс, преку видео-снимка му порача на својот народ (41.000 жители) да „не се движи“ две недели.

– Ако немате посебен вид на леб дома, јадете крекери. Ако немате леб воопшто, јадете житарки или овесни снегулки – порача таа.

Дали ни се потребни повеќе жени?

Премногу е рано дефинитивно да се каже кои лидери ќе бидат успешни во мерките за спречување на коронавирусот и ќе спасат човечки животи. Но примерите покажуваат дека значително поголем број на лидери кои рано и одлучно реагирале се жени. На 1 јануари годинава, само 10 од 152 избрани шефови на држави се жени, според Интерпарламентарната унија и ООН, а мажите сочинуваат 75 отсто од пратениците, 73 отсто се на раководни позиции, а 76 отсто во водечките медиуми.

– Создадовме свет каде што жените се присутни само 25 отсто, односно една четвртина, во политиката, на раководните позиции и во медиумите. Една четвртина не е доволна – порача Фумзиле Мламбо-Нгкука, директорката на организацијата за жени на ООН.

Одамна е време да сфатиме дека на светот сериозно му требаат повеќе лидерки и воедно жените да бидат еднакво присутни во сите сфери на политиката. Барем малиот број на лидерки што успешно го спречија ширењето на пандемијата досега, треба да ни покажат дека еднаквоста на половите е од клучно значење за светското јавно здравје и меѓународната безбедност.

Превод: Билјана Здравковска