Европските центри се подготвуваат за споделување на нивните вакцини, но сакаат да се осигурат дека нивната дарежливост ќе резултира и со корист. За неколку месеци се предвидува дека снабдувањето на вакцини во ЕУ ќе ја надмине реалната потреба, што ќе ја смени ситуацијата. Тоа значи дека европскиот тим ќе почне да пренасочува дози кон помалку снабдените држави, пишува „Политико“.

– Вакцините станаа безбедносна политика, а ЕУ не може да си дозволи да заостане – се вели во писмото од завчера, во кое повеќе европски лидери бараа итно одобрување на механизам за распределба на вакцините што би претставувал поддршка за „Ковакс“.

Властите во повеќе држави во ЕУ се чувствуваат посрамени бидејќи Русија, Кина и Индија ги преземаа заслугите за снабдувањето со вакцини додека Унијата е на лош глас бидејќи прими двојно повеќе дози од потребните за имунизација на европскиот блок. А објавата на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе го поддржи предлогот за укинување на патентите за вакцините само го засилува притисокот врз ЕУ чие водство уште минатата година ги оквалификува вакцините како „јавно добро“.

Сега европските центри разгледуваат начини за максимизирање на т.н. вакцина-дипломатија преку испраќање на вакцини до стратешки важни локации. Дел од нив имаат намера да соработуваат и со механизмот „Ковакс“ за распределба на вакцините, но се поставува и прашањето дали треба да ги донираат и надвор од механизмот.

ЕУ вети дека ќе го донира вишикот на вакцини, но сега кога кампањите за вакцинација забележуваат напредок, угледот на Европа на меѓународната сцена се влошува во споредба со државите кои го приоритизираа извозот на вакцини. Унијата затоа дозволи и извоз на 200 милиони дози на вакцини предвидени за 44 држави. Пренасочувањето на вакцините, сепак, носи и одредени проблеми во однос на правните обврски предвидени во договорите на Европската комисија со произведувачите.