Земјите на Европската унија, Велика Британија и партнерите на ЕУ договорија нацрт-план за вакцинација против ковид-19 за најмалку 40 проценти од своето население, чекор што може да го загрози планот на Светската здравствена организација (СЗО), објави „Ројтерс“.

Целта на ЕУ за почетна вакцинација е двојно поголема од целта на СЗО, која најпрво би купила вакцини за 20 проценти од најранливите групи во светот преку глобална шема за набавки.

Европската унија проценува дека, доколку вакцината биде произведена, ќе биде потребна на најмалку 40 проценти од нејзиното население, со што се намалува достапноста на вакцината за помалку развиените земји.

Досега не е одобрена вакцина против ковид-19,освен онаа во Русија која е одобрена пред да бидат извршени обемни клинички испитувања.

Се проценува дека повеќе од 200 милиони луѓе во ЕУ спаѓаат во приоритетни групи, меѓу кои се и лицата со хронични заболувања, старите лица и здравствените работници.

Лицата кои работат во јавни услуги, како што се образовни институции и јавен превоз, исто така, се вклучени во приоритетна група, иако проценката на нивниот број не е достапна во документот на ЕУ.