Белгиските регулатори започнаа истрага во фабриката за производство на вакцини на компанијата „Астра зенека“ близу Брисел. Истрагата ја побара Европската комисија во моментот на ескалација на спорот околу недостигот на вакцини во Европската Унија.

Првата посета на претставниците на белгиската Федерална агенција за лекови заврши во средата во фабриката во градот Сенефе, во провинцијата Ено, соопшти белгиското Министерство за здравство. Земени се примероци и евиденција од фабриката, а во наредните денови се очекува понатамошен преглед на објектот.

Истрагата беше побарана од извршното тело на ЕУ поради сомнежи во образложението на „Астра зенека“ за очекуваниот недостиг на испораки на вакцини во ЕУ.

Англо-шведската компанија објави дека ќе може да испорача само околу 25 проценти од договорените 100 милиони дози на земјите членки на ЕУ во првиот квартал поради проблеми во белгиската фабрика во сопственост на француската компанија „Новасеп“. Вакцината на „Астра зенека“ се очекува да биде одобрена од Европската агенција за лекови во петок.

Европската комисија засега не се огласи и не потврди дека побарала истрага и зошто.

Белгиските власти соопштија дека сега ќе ги анализираат наодите во соработка со експерти од Холандија, Италија, Шпанија и други земји.

Портпаролката на белгиското Министерство за здравство изјави дека инспекцијата во фабриката „Астра зенека“ во Сенефе е извршена со цел со сигурност да се утврди дека доцнењето во испораката навистина се должи на проблеми со производството во белгиската фабрика. Како што додаде таа, истрагата се води во целосна транспарентност.