Да не беа препораките за социјално дистанцирање, луѓето веројатно ќе ги застануваа на улица за да се сликаат со нив. Наместо тоа, им испраќаат пораки преку социјалните мрежи. Станува збор за новите славни личности кои се појавуваат низ Европа, додека се шири коронавирусот, а не се политичари, ниту пејачи. Всушност, тоа се епидемиолозите и виролозите чии имиња станаа познати, откако го поминаа поголемиот дел од животот во анонимност, пишува „Њујорк тајмс“.

Додека медицинските сестри и докторите ги лекуваат пациентите на првите линии на фронтот, епидемиолозите и виролозите кои ги поминаа кариерите во лаборатории станаа најдоверливите извори на информации во ерата на голема неизвесност, наспроти големиот број на дезинформации. Општествата под опсада на коронавирусот се обраќаат кон овие експрерти за одговори, што нив ги прави национални херои.

– За време на криза, хероите истапуваат, бидејќи повеќето од основните човечки потреби се загрозени. Хероите помагаат за исполнување на барем дел од основните човечки потреби – вели Елејн Кинсела, професорка по психологија на универзитетот „Лимерик“ во Република Ирска, која ја истражуваше улогата на хероите во општеството.

Научниците-херои кои се појавуваат во кризата ретко ја имаат харизмата на политичките лидери, но тие покажуваат голема стручност, а честопати и сочувство.

Таков пример претставува д-р Масимо Гали, директорот на одделот за инфективни болести на универзитетската болница „Луиџи Сако“ во Милано, кој го замени лекарскиот мантил со одело, прифаќајќи да биде „изложен на огромно внимание од медиумите“, со цел да ја разјасни ситуацијата. Набргу стана познато лице во италијанските телевизиски емисии, давајќи јасни информации за непознатиот противник. Тој го нарече социјалното дистанцирање „мајка на сите битки“ и упати предупредување за ризиците им се закануваат на италијанските семејства преку остра порака.

Вакви примери можат да се забележат во секоја држава која се бори со пандемијата, давајќи им сигурност и утеха на граѓаните во тешките времиња.