Европската комисија сака да ја убеди Малта да се откаже од одлуката да ги затвори своите граници за невакцинираните против ковид-19, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс.

Малта објави во петокот, како прва таква земја во ЕУ, дека ќе ги затвори своите граници за невакцинирани патници, убедена дека на таков начин ќе го запре новиот бран на инфекции со коронавирус.

На француското јавно радио Дидие Рејндерс потсети дека ЕУ воведе сертификати со кои треба да се усогласат сите земји-членки.

– Имаше две одлуки: сертификатот што го воведовме, кој им е наметнат на сите европски земји како доказ за состојбата со вашата болест. Покрај тоа, постои препорака усвоена од сите 27 земји-членки, што започнува од идејата дека овој пасош е доволен сам по себе, освен ако не се влоши епидемиолошката состојба. Затоа, ќе разговараме со Малта за да продолжи со признавање на ПЦР-тестот. Според процентот на новозаразени со делта-сојот, нормално е да се преземаат мерки, тестови и изолација, но не и забрана за патување – објасни комесарот.

Малта во петокот објави дека од оваа среда ќе забрани влез на сите невакцинирани посетители. Негативен ПЦР-тест повеќе нема да биде доволен за да се премине границата на овој мал медитерански остров со околу половина милион жители.

На Малта, вакцинирани се 79 проценти од возрасната популација, со две дози. На 27 јуни немаше нови случаи на инфекција во земјата, но Малта забележа 96 од нив во петокот, од кои 90 проценти беа невакцинирани.

Во неделата, францускиот министер за европски прашања Клeмaн Бoн ја нарече одлуката на Малта да не ги признава тестовите за ПЦР „спротивна на правилата“.

– Ние не секогаш успешно се координиравме во Европа во оваа криза, но сега имаме епидемиолошка пропусница која е иста низ цела Европа. Она што го стори Малта мора да биде предупредување за нас дека, доколку ситуацијата се влоши, обидите за затворање ќе се мултиплицираат и против правилата – додаде тој.