Европската комисија го повтори својот повик до сите земји членки да се придржуваат кон заеднички договорените мерки кога станува збор за ограничувања на границите во рамките на ЕУ.

Минатата недела Комисијата испрати писма до Германија, Белгија, Унгарија, Данска, Финска и до Шведска, во кои изразува загриженост за едностраните гранични мерки поврзани со влез и излез од тие земји, кои беа воведени за да се спречи ширењето на Ковид-19.

– Рокот за одговор истекува в понеделник. Германија и Белгија веќе одговорија, што ние внимателно го разгледуваме, но нашиот став останува непроменет – изјави портпаролката на Комисијата, Кристија Виганд.

Во Брисел нагласуваат дека сите земји членки на ЕУ се согласиле на координиран пристап кога станува збор за какво било ограничување на слободата на движење во Европа.

– Препораките се јасни и очекуваме сите земји да ги почитуваат – вели Виганд.

На крајот на февруари Белгија забрани секаков неесенцијален влез и излез од земјата, а Германија ги постави граничните контроли кон Австрија и Чешка.