Самите земји-членки на ЕУ побараа флексибилност и одлучија да отстапат од правилото вакцината да се дистрибуира според бројот на жители, соопшти денеска Европската Комисија, со што ја отфрли одговорноста за нееднаквата поделба на вакцини.

– Земјите-членки одлучија да отстапат од предлогот на Комисијата, со воведување на флексибилност, што овозможува различна распределба на вакцините, земајќи ја во вид епидемиолошката состојба и потребите за вакцини во секоја од нив – се вели во соопштението од ЕК.

Комисијата реагираше со изјава бидејќи системот за поделба на вакцините беше остро критикуван во неколку земји.

– Според овој систем, ако некоја земја одлучи да не го земе својот дел од дозите, тие потоа се дистрибуираат до заинтересираните членови – објаснува Комисијата.

Лидерите на Австрија, Чешка, Бугарија, Хрватска, Латвија и Словенија повикаа на разговори на високо ниво во саботата за фер дистрибуција на вакцини за коронавирус, предупредувајќи дека сегашниот начин на работа на системот до летото може да создаде „големи разлики“ меѓу земјите членки.