Денеска во Индија стапи во сила наредба за 1,3 милијарди жители да не ги напуштаат своите домови во следните три недели, што значи дека една третина од човештвото е во изолација заради коронавирусот.

По одлуката на индискиот премиер, Нарендра Моди, да ја изолира најнаселената земја во светот по Кина, бројот на луѓе во изолација во светот се искачи на 2,6 милијарди лица.

– Да се ​​спаси Индија, да се спаси секој граѓанин, ти, твоето семејство (…) секоја улица и секое соседство значи да се биде во изолација – рече Моди во телевизиското обраќање до нацијата.

Сепак, Кина во средата ги укина драстичните ограничувања наметнати пред неколку месеци во провинцијата Хубеи, жариштето на пандемијатата на коронавирусот.

Пекинг во вторникот објави дека го укинува карантинот за повеќе од 50 милиони луѓе во Хубеи, воведен во јануари, за да можат сега да патуваат ако се здрави. Некои аеродроми и железнички станици повторно работат. Но, училиштата се сè уште затворени во оваа фаза, а жителите на Вухан, каде се наоѓа заразата, ќе треба да чекаат до 8 април за да можат да патуваат надвор од градот.

Во земјата не се откриени случаи на локална зараза во последните 24 часа, но има пријавено 47 случаи од странство во тој период, соопштија кинеските здравствени власти.

Низ целата планета, бројот на починати од вирусот „Ковид-19“ продолжува да се зголемува. Вирусот ги одзеде животите на повеќе од 18.200 луѓе, а 405.000 лица се заразени, половина од нив во Европа.