Единаесет американски држави поднесоа тужба против наредбата на американскиот претседател Џо Бајден, според која десетици милиони работници во компании со 100 или повеќе вработени мора да се вакцинираат против коронавирусот или да се тестираат на неделно ниво.

„Оваа наредба е неуставна, незаконска и не е мудра“, се наведува во поднесокот на главниот обвинител на Мисури, Ерик Шмит, еден од неколкуте републиканци кои се борат за отворено место во Сенатот следната година, пренесува АП.

Неговата тужба, поднесена во Осмиот Окружен Апелационен суд во Сент Луис, тврди дека надлежноста за задолжителна вакцинација им припаѓа на сојузните државите, а не на федералната влада.

Службата за заштита при работа вчера соопшти дека компаниите кои нема да се придржуваат до новото правило за вакцинација се соочуваат со казна од речиси 14.000 долари по лице.

Наредбата се однесува на околу 84 милиони работници во средните и големите компании, а се уште не се знае колку вработени се веќе вакцинирани.

На Мисури во тужбата му се придружија државните обвинители од Алјаска, Аризона, Арканзас, Монтана, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг.

Канцеларијата на јавниот обвинител на Ајова, демократот Том Милер, исто така се приклучи кон тужбата, заедно со неколку приватни, непрофитни и религиозни работодавци.