Предлогот за воведување на таканаречени „ковид-пасоши“ за слободно патување во рамките на Европската унија, што ќе биде предложено на 17 март, ќе важи само за вакцинираните со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Ова е затоа што неодобрените вакцини нема да бидат опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на ЕУ.

Илва Јохансон, комесарка за внатрешни работи во Европската комисија, ги потврди овие наводи во петокот вечерта, откако извор од Брисел ги откри за „Еуроњуз“ неколку часа претходно.

Изворот тврди дека еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, јасно ставил до знаење дека земјите-членки можат слободно да ги вакцинираат своите граѓани со вакцини од други производители, но дека нема да добијат лиценциран сертификат за патувања, доколку вакцината не е од одобрен производител.

Европскиот регулатор во моментов ги одобри вакцините од „Фајзер“/„Бионтек“, „Астразенека“, „Модерна“ и „Џонсон енд Џонсон“.

Сертификатите за вакцинација би требало да важат до крајот на пандемијата, вели изворот, додавајќи дека движењето во рамките на Унијата за оние кои не примиле вакцина, сепак ќе биде можно со тестови и карантин.

Ковид-пасошите треба да бидат достапни во дигитален и хартиен формат.