Европскиот парламент денес го поддржа воведувањето на дигитален сертификат на ЕУ за да се олесни патувањето во ЕУ и да се придонесе за закрепнување на економијата. Сертификатите ќе се применуваат од 1 јули 2021 година и ќе важат 12 месеци, се вели во соопштението на ЕП.

Документот ќе потврди дека лицето е вакцинирано против Ковид-19, дека неодамна имал негативен резултат од тест или се опоравил од инфекцијата. Во пракса, ова ќе бидат три различни сертификати, велат упатените.

Сертификатите ќе бидат издадени бесплатно од властите на земјите-членки, ќе бидат достапни во дигитален или хартиен формат и ќе имаат QR-код.

Заедничката рамка на ЕУ ќе ги направи сертификатите интероперабилни и проверливи низ Европската Унија, а ќе се спречи измама и фалсификување.

Сертификатот нема да биде предуслов за слободно движење и нема да се смета за патна исправа.

За време на меѓуинституционалните преговори, европратениците обезбедија договор дека земјите од ЕУ нема да можат да воведат дополнителни ограничувања за патување на имателите на сертификати – како што се карантин, самоизолација или тестирање – „освен во услови кога тоа е неопходно и пропорционално за да се заштити јавното здравје“.

Земјите од ЕУ се охрабруваат да обезбедат тестирањето да биде широко достапно. На барање на парламентот, Комисијата вети дека ќе мобилизира 100 милиони евра во рамките на Инструментот за поддршка на итни случаи, така што земјите-членки можат да купат тестови за издавање на ЕУ дигитални ковид сертификати.

Сите земји на ЕУ мора да прифатат сертификати за вакцинација издадени во други земји-членки за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Земјите-членки треба да одлучат дали ќе прифатат сертификати за вакцини одобрени во согласност со националните постапки за одобрување или за вакцините наведени од Светската здравствена организација за итна употреба.

Сите лични податоци ќе бидат обработени во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците.