Европската комисија ќе одвои 400 милиони евра во рамките на меѓународниот механизам „Ковакс“ за помош при купување и испорака на дози на идни вакцини против коронавирус за земји со низок и среден приход, најавено е во Брисел.

Проектот „Ковакс“, кој го водат заеднички Гави, Сојузот за вакцини, Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемија (ЦЕПИ) и СЗО, има цел да го забрза развојот и производството на вакцини против коронавирусот, но и да гарантира фер и рамноправен пристап за секоја земја во светот.

– Ние нема да бидеме безбедни сè додека сите, без разлика дали се во Европа или во светот, не бидат безбедни. Потребна ни е глобална солидарност. Придонесот на Европската комисија за „Ковакс3 нè носи чекор поблиску до оваа цел – рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Проектот „Ковакс“, како механизам за осигурување за земјите кои се загрижени за обезбедување пристап до вакцини, но исто така и за производителите, сака да купи 2 милијарди дози до крајот на 2021 година, преговарајќи со разни добавувачи кои покриваат различни научни технологии, време на испорака и цени, наведуваат во Брисел.