Европската комисија вечерва ја одобри вакцината против ковид-19 изработена од „Фајзер“ и „Бионтек“, по позитивната препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА).

– Денес пишуваме ново поглавје во европската успешна приказна. Ја одобривме првата безбедна и ефикасна вакцина против ковид-19 – рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен посочи дека наскоро ќе пристигнат уште неколку вакцини и дека вакцината одобрена денес ќе биде достапна во сите земји членки во исто време и под исти услови.

– Ова е добар начин да се заврши годината и да се отвори нова страница во борбата против пандемијата – додаде таа.

Европската агенција за лекови претходно даде одобрение за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, по што Комисијата ги провери сите елементи потребни за условно одобрение за ставање во промет и се консултираше со сите земји членки пред да донесе одлука.

– Ова е одличен ден за Европа, ден на вистинска европска солидарност на дело – рече комесарката за здравство, Стела Киријакидес.

Земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Франција, Австрија и Италија, објавија дека планираат да започнат со вакцинирање на 27 декември, обидувајќи се да ги достигнат САД и Велика Британија, каде што вакцинациите започнаа на почетокот на овој месец.