Европската комисија одобри договор со европската фармацевтска компанија „Кјурвак“ за обезбедување почетно купување 225 милиони дози вакцини против Ковид-19 во име на сите земји членки на ЕУ, со можност да порача до 180 милиони дополнителни дози, што треба да бидат доставени кога ќе се открие дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Ова е петти договор што Комисијата го потпиша со фармацевтски компании за набавка на вакцини за сите земји членки. Претходно, беа потпишани договори со „АстраЗенека“, „Санофи“, „Јансен“ и „Бионтек/Фајзер“, а беа склучени прелиминарни разговори со „Модерна“.

Ова треба да осигури дека Европа е добро подготвена кога вакцините ќе се покажат безбедни и ефикасни.

„Кјурвак“, германска компанија, беше меѓу првите компании што почнаа со развој на вакцина против коронавирусот.