Европската економија се соочува со историска рецесија, рече Европската комисија (ЕК) во својата прва економска прогноза од воведувањето мерки за спречување на новиот коронавирус додавајќи дека рецесијата ќе биде длабока и нееднаква, а закрепнувањето е неизвесно.

ЕК проценува дека еврозоната оваа година ќе забележи пад на домашниот бруто-производ (БДП) од 7,7 проценти и зголемување од 6,3 проценти в година, пренесува словенечката агенција СТА.

– Пандемијата на коронавирусот е голем шок за глобалната и европската економија, со многу сериозни социо-економски последици. Економијата на Европската Унија годинава ќе доживее рецесија од историски размери – рекоа претставниците на ЕК. Според нив, Европа го доживеала најлошиот економски шок од големата депресија.

Во февруари ЕК предвиде 1,2 процент раст на БДП за еврозоната оваа и в година, што беше исто како и во ноември, но неколку месеци подоцна прогнозата беше полоша за речиси девет проценти. Во еврозоната се предвидува рекорден пад на БДП од 7,7 проценти и 7,4 отсто во цела ЕУ годинава. Економијата во еврозоната се очекува да порасне 6,3 проценти в година.

Најголем пад на БДП оваа година е предвиден во Грција – 9,7 проценти, Италија – 9,5 проценти и Шпанија – 9,4 проценти. Најниско намалување ќе има во Луксембург – 5,4 проценти, Австрија – 5,5 проценти и Малта – 5,8 проценти.

– Закрепнувањето на секој член не зависи само од развојот на пандемијата, туку и од структурата на економијата и од можноста да одговорат на политиките за стабилизација. Со оглед на меѓузависноста на економиите во ЕУ, динамиката на закрепнување во одделни земји членки ќе влијае врз закрепнувањето на другите земји членки – соопшти ЕК.