Европската агенција за лекови (ЕМА) попладнево потврди дека вакцината на „Астразенека“ е безбедна и ефикасна против коронавирусот.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, таа вакцина не предизвикува тромбоза и покрај тоа што имаше такви сомнежи.

Експертите наведоа дека ваквите случаи се ретки, дури и кај 20 милиони вакцинирани лица.
Комитетот за безбедност на ЕМА претходно изврши детална проценка на малиот број случаи поврзани со појава на згрутчување на крвта, до кои дошло кај лица кои претходно примиле вакцина од „Астразенека“.

По извештаите за случаи на згрутчување на крвта, многу земји во Европската Унија престанаа да ја користат вакцината на британско-шведската компанија, што дополнително ја одложи и така бавната кампања за вакцинација.

Многумина од нив најавија дека ќе ја чекаат финалната проценка и препорака на ЕМА.

Во претходните денови, ЕМА и Светската здравствена организација (СЗО) препорачаа продолжување на имунизацијата со вакцината на „Астразенека“ додека траат анализите, истакнувајќи дека нејзините предности ги надминуваат можните ризици.