Европската полиција Европол објави извештај во кој се тврди дека криминалците се приспособуваат на новонастанатата ситуација и ја користат појавата на новиот вирус ковид-19 во своја корист реку компјутерски криминал, измама и фалсификувани медицински материјали, пренесува „Брејтбарт“.

Агенцијата во својот извештај за март 2020 година посолува дека криминалците во Европа ја користеле појавата на вирусот за да извршат фишинг-напади на електронска пошта и да инсталираат злонамерен софтвер кај жртвите кои бараат информации за медицински материјали и коронавирус.

Европол исто така предупреди за зголемениот ризик за злоупотреба на децата преку интернет.

– Ова е во согласност со објавите во означените форуми и групи од сторители кои се радуваат на можностите да стапат во контакт со децата за кои очекуваат дека ќе бидат поранливи поради изолацијата, намалениот надзор и поголемата изложеност на интернет – се наверува во извештајот.

Овој месец беше забележан и компјутерски напад врз болница во чешкиот град Брно, кој ја принуди болницата да ги одложи операциите и да ги испраќа пациентите во други болници.

Измамата е уште една голема област во која криминалците се обидоа да ја искористат јавноста, а Европол вели дека измамниците веројатно ќе се обидат да ја искористат ситуацијата и откако ќе заврши пандемијата.

Европол исто така предупреди на ширење фалсификувани производи, особено медицински материјали.

– Продажбата на фалсификувани или производи со субстандарден квалитет е во подем во пандемиската економија онлајн и офлајн. Постои особено голема побарувачка за одредени видови здравствени услуги и санитарни производи, маски, ракавици, средства за чистење, фармацевтски производи, што создаде значителен пазар за фалсификаторите, измамниците и профитерите – додава агенцијата.

Иако не се фалсификувани, маски со супстандарден квалитет произведени во Кина и други неквалитетни медицински материјали се забележани во Шпанија и Холандија во последните неколку недели.

Шпанија доби илјадници комплети за тестирање од Кина, но откри дека првата серија од 9.000 тестови не функционира, а Холандија беше принудена да повлече 600.000 неисправни маски што неодамна беа увезени од Кина.