Европа мора да се подготви за вториот бран на новиот коронавирус, предупреди директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), Андреа Амон во време кога голем број земји започнаа со олеснување на рестриктивните мерки.

– Прашањето не е дали ќе има втор бран на инфекција, туку кога и до кој степен ќе биде – рече Амон во интервју за британскиот весник „Гардијан“.

– Вирусот е околу нас и циркулира повеќе отколку во јануари и февруари – додаде таа и истакна дека податоците за имунитетот на населението не се охрабрувачки затоа што 85 до 90 проценти сè уште се изложени на инфекција со ковид-19.

– Не сакам да претставам катастрофална слика, но мислам дека мора да бидеме реални. Сега не е време за целосно опуштање – додаде таа.

Европа е континентот кој е најпогоден од пандемијата со близу 2 милиони случаи на инфекција, од кои починале 169.932, претежно во Велика Британија, Италија, Франција и Шпанија, пренесува „Франс прес“.

Вкупно, на планетата има повеќе од 5 милиони заразени лица, од кои 328.220 починале.

Центарот за превенција, мала агенција на ЕУ со седиште во Шведска, која има советодавна улога во контролирањето на заразните болести, соопшти на почетокот на мај дека почетната фаза на пренесување достигнала врв, со пад на нови случаи во повеќето земји од ЕУ.

Додека многу европски земји ги укинуваат ограничувањата, Андреа Амон верува дека вториот бран би можел да биде поблаг, доколку луѓето продолжат да ги следат правилата на социјална дистанца.

– Уморни од ограничувања, особено сега кога има помал број на заболени, луѓето мислат дека е готово. Но, не е – предупреди таа.