Европа, соочена со вториот бран на пандемијата, го премина прагот на 250.000 смртни случаи од коронавирус.

За една недела се забележани повеќе од 8.000 смртни случаи, што е најголем број на неделно ниво од средината на мај.

Бројни европски земји се обидуваат да се заштитат со воведување на посилни мерки.

Рекорден број на случаи на ковид-19 се забележани во Франција за време на викендот, а поради зголемувањето на бројот на пациенти, во саботата е воведен полициски час од 21 до 6 часот наутро, што ќе трае најмалку еден месец, пренесува Би-Би-Си, додавајќи дека секој што ќе го прекрши, мора да има валидна причина за тоа или да плати казна од 135 евра.

Од денеска, сите барови и ресторани во Белгија се затворени четири недели, а полицискиот час е во сила од полноќ до пет часот наутро. Исто така, воведена е забрана за продажба на алкохол по 20 часот.

Швајцарија воведе задолжително носење маски на сите затворени места, како и забрана за собирање на повеќе од 15 лица на едно место.

Чешка сè уште не одлучила дали е потребен карантин, а таа земја во моментов е прва според бројот на болести во Европа.

Денес во Ирска ќе бидат презентирани нови мерки, а се претпоставува дека ќе бидат затворени несуштинските продавници и компании.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел, поради зголемениот број на заразени, ги повика луѓето да останат дома и да избегнуваат патувања доколку е можно.

Исто така, во Италија, од денес, работата на барови и ресторани, како и на локални настани е ограничена.