Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, ги пофали напорите на Русија за изнаоѓање на вакцина против ковид-19 и е подготвен да биде дел од истражувањето, а ја поздрави и понудата за снабдување со залихи кога вакцината ќе биде достапна, пренесува „Ројтерс“. 

Русија месецов очекува регулаторно одобрување за потенцијалната ковид-вакцина и е подготвена да ја понуди на Филипините, или пак да склучи партнерство со локална фирма која ќе ја произведува. 

Филипините имаат најголем број на инфицирани од коронавирусот во Азија, рекордни  136.638 инфицирани откако вчера беа регистрирани 6.958 нови случаи за само еден ден. 

– Имам силна доверба во претседателот Владимир Путин и во руските научници, и верувам дека вакцината која тие ја произвеле е добра за човештвото – изјави Дутерте. 

Глобалната трка за вакцина против ковид-19 предизвика низа грижи во врска со брзината на нејзиното производство, како и нејзината безбедност за употреба.

Со цел да ги смири стравувањата на населението, Дутерте се пријави како доброволец за вакцинирање. 

– Ќе се пријавам да бидам првиот на кого ќе експериментираат – изјави тој. 

Неговата канцеларија соопшти дека Филипините се подготвени да соработуваат со Русија на испитувањата, снабдувањето и производството на вакцините. Во јули, Дутерте упати молба до неговиот кинески колега Си Џинпинг, во која бараше Филипините да бидат приоритетни доколку Кина развие вакцина. 

На барање на епидемолозите, Дутерте месецов повторно воведе двонеделен карантин со цел да се спречи ширењето на вирусот во главниот град Манила, а доколку тој не биде почитуван, Дутерте изјави дека ќе биде мобилизирана и војската. 

Карантинот на Филипините е еден од најстрогите во светот, а политичките противници на Дутерте, како и групите за човекови права, изразија загриженост во врска со неговиот пристап кон пандемијата, но и во врска со однесувањето на полицијата. 

Филипинскиот претседател минатиот месец вети 20 милиони од најсиромашните граѓани на неговата држава ќе добијат бесплатни вакцини против ковид-19 кога ќе бидат достапни.