Сите пленарни седници закажани до септември годинава во Стразбур се откажани и наместо тоа ќе се одржуваат мини-пленарни сесии во Брисел, објави денеска претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

Претходно беше решено дека априлската пленарна сесија нема да се одржи во Стразбур, а наместо тоа мини-пленарна сесија ќе се одржи во Брисел на 1 и 2 април. Денеска, таа седница е откажана, како и онаа закажана за 22 и 23 април во Брисел. Наместо тоа, ќе има еднодневна сесија во Брисел на 10 април.

Наместо претходно закажаната пленарна сесија од 11 до 14 мај во Стразбур, дводневна седница ќе се одржи на 13 и 14 мај во Брисел, а наместо сесијата во Стразбур од 15 до 18 јуни, европратениците ќе се состанат на 17 и 18 јуни во Брисел.

Седница во белгискиот главен град ќе има и во јули, поконкретно на 8 и 9 тој месец.

Во август никогаш нема пленарни сесии и целиот Европски парламент е на колективен одмор.

Сасоли најави дека понатамошниот тек на настаните ќе биде разгледан во согласност со развојот на состојбата во врска со пандемијата на коронавирусот.