Епидемијата од светски размери, која човештвото ја живее првпат, ги стави на тест образовните системи низ светот, вклучувајќи ги и европските. Секој систем си има свои специфики, па затоа секоја држава се однесува различно кога станува збор за работењето на градинките, училиштата и на факултетите во услови на пандемија. Иако во ефикасноста на онлајн-наставата немаа доверба ни еминентни професори во светот од развиени земји, сепак во европските држави тој процес е во тек, а учењето на далечина не запре ниту во нашата држава. Во меѓувреме, Европската комисија преку европската информативна мрежа за образовни системи и политики „Евридика“ објави компаративни мапи што прикажуваат како реагираат европските образовни системи на пандемијата на ковид-19. Тие ја опфаќаат состојбата во институциите за предучилишно/рано детско образование и грижа, потоа во основните и средните училишта, како и во институциите за високо образование.  „Нова Македонија“ во серија написи ќе ги анализира овие прикази со податоци.

Kовид-19 донесе невидени промени на сите општествени нивоа, вклучувајќи го и функционирањето на наставниците, децата и на нивните родители во целиот свет. Детските соби, но и дневните соби и трпезариите, станаа училници во кои децата, и оние од основните и оние од средните училишта, следат онлајн-часови преку најразлични апликации и платформи.
Според мапата на „Евридика“, европската информативна мрежа за образовни системи и политики, која се однесува за основното и за средното образование во Европа, Летонија и Исланд се единствените европски држави во кои во моментов има основни и училишта за средно образование што работат непречено и во кои учениците секој ден следат настава.

Во зависност од тоа кога планираат европските земји да ги отворат училишните врати, може да се забележи дека најмногубројни се оние чии власти одлучиле да останат затворени, сѐ додека здравствените и стручните лица не одлучат да дадат поинакви препораки. Во овие земји спаѓа и Македонија, а истиот став го имаат и властите во Велика Британија и Ирска, Португалија, како и во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.

Меѓу земјите во кои властите планираат да ги отворат училиштата за своите ученици на средината на мај се Франција, Австрија, Романија, Бугарија, Грција, Финска, Естонија и Летонија.
Учење од далечина има насекаде, но она што е клучно и она за што образовните власти се особено внимателни е како ќе се одредуваат оценките во услови на нетрадиционална настава.
Каков ќе биде образовниот процес во една земја пред сѐ треба да зависи од препораките на стручните медицински лица (епидемиолози, инфектолози), кои прават стручна анализа за тоа и најдобро ја следат ситуацијата со распространувањето на овој вирус во својата земја, вели за „Нова Македонија“ проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет.

– Затоа и овие мерки, како и образовниот процес, се разликуваат од земја до земја во Европа и пошироко. Целта е секаде иста, да не се преоптовари здравствениот систем. Стручните лица, пред сѐ од медицината, треба да ги насочуваат понатамошните мерки, вклучувајќи го и тоа дали треба да се олабават мерките во образовниот процес. Мерките се главно слични во сите земји, но, за жал, нема волшебно стапче со кое сигурно и брзо ќе се реши овој проблем. Што се однесува до она што се случува кај нас, јас лично ги оправдувам преземените мерки, вклучувајќи и во образовниот процес, кои засега се покажаа ефикасни. Не е лесно да се држи образовниот процес преку електронска комуникација со учениците и студентите, но сите треба да разбереме дека ова се вонредни околности и така треба и да се однесуваме – вели Стефов.

Во основните училишта во земјава некои наставници им го испраќаат на мејл на децата она што треба да го совладаат во текот на неделата. Децата, пак, откако ќе ги напишат домашните задачи, им ги испраќаат на наставниците на мејл или на Вибер. Има и наставници што користат Зум, па во реално време се гледаат со наставникот и сите активно учествуваат во часот. Други, пак, имаат аудиочас на Вибер во група.
Сепак, проблемот со држење настава на далечина е поизразен во средните училишта. Учениците имаат повеќе од 10 предмети, а не секој професор работи со учениците и не секој професор ја предава предвидената материја во согласност со наставната програма. Некои од професорите имаат отпор кон овој начин на учење.

(продолжува)