Автор: Бенедикт Д. Капалди

Нешенел ривју

Неговите морнари го поздравуваа кога за последен пат се симна од палубата на американскиот воен носач „Теодор Рузвелт“. Доби отказ затоа што се заложи за своите луѓе.

На 30 март, Брет Крозиер, капетанот на должност, донесе навидум безопасна одлука да испрати небезбедна електронска порака за да побара поддршка од морнарицата во неговата борба против ковид-19, кој се рашири меѓу морнарите. Се работеше за повик за помош, иако текстот во пораката не звучеше така – четирите страници опфаќаа детална анализа како преземените мерки не биле соодветни и се планирал целосен карантин на посадата во Гуам. Писмото раскажува приказна на компетентност и грижа, покажува дека Крозиер имал надлежност, и јасно било дека се грижел за добросостојбата на неговите морнари.

Следниот ден в.д. секретарот на морнарицата го ослободи Крозиер од надлежност, со што капетанот, кој бил позитивен на вирусот, ќе го задржи рангот, службата и ќе биде распределен во друга единица. Неговото објаснување беше дека користел небезбеден канал за комуникација и го заобиколил синџирот на команда, поради што покажал лоша проценка. За некои, неговото отстранување мириса на одмазда за непослушност, а уште полошо и за партизација.

Во сите основни офицерски обуки, секој поморски офицер мора да го научи она што Центарот за етичко лидерство „АДМ Џејмс Б. Стокдејл“ на американската поморска академија го нарекува уставна парадигма. Според неа, „морална зрелост претставува кога офицерите остануваат во парадигмата која постојано ги навраќа на изворот на должноста. Уставната парадигма започнува со американскиот устав и потоа се пренесува во мисијата. Службата (морнарицата), единицата (или бродот), колегијалноста и на крајот самата единка“. Таа е приоритетна листа според која доброто на морнарицата и на државата се става пред доброто на бродот.

Во неговата изјава за отстранувањето на Крозиер, в.д. секретарот на морнарицата, Томас Модли, се повика на овој концепт за должност. Тој го пофали карактерот и службата на Крозиер, но ја критикуваше неговата процена кога вели дека „дозволил сложеноста на предизвикот да ја надвладее неговата способност професионално да дејствува“. Дали Крозиер треба да добие пофалби затоа што се грижел за својата посада или треба да биде осуден затоа што го заобиколил синџирот на команда?

Во понеделникот, во стресен и напати груб говор преку разгласот на бродот, Модли го обвини Крозиер затоа што предизвикал политички контроверзи. Исто така го нарекол „премногу наивен и глупав“ за да командува со бродот ако сметал дека неговото писмо нема да предизвика бура во медиумите. Модли ја обвини кинеската Комунистичка партија за пандемијата во обид да ги нагласи стратегиските последици од постапките на Крозиер.

Несомнено, преокупацијата на Крозиер за здравјето на неговите морнари ќе има стратегиски последици. Прво, „Рузвелт“ беше единствениот американски носач на авиони во Источна Азија. Тој го презеде ризикот дека неговите постапки можат да ги охрабрат сè поагресивните Кина и Русија да пренесат преку нивните медиуми дека најважната воена единица на Америка функционира со намалена ефективност. Американските сили се распоредени во сите жаришта во светот, а морнарицата веќе тешко дава поддршка за светските операции затоа што нема простор на сите еднакво да им се посвети. Крозиер знаеше дека неговата еднострана одлука ќе ја натера морнарицата да пренасочи единици од други места, дури и да го прекине карантинот, за да исполни празнината во источен Пацифик. На крајот, Крозиер направи синџирот на команда на морнарицата да изгледа неефикасен и покрена прашања дали највисоките американски офицери имаат доверба во неа.

Американската морнарица е најважната геополитичка институција во светот, бидејќи служи како гарант за светската безбедност. Светскиот поредок кој го обезбедува морнарицата служи за непречен тек на поморската трговија. Ги држи руските подморници надвор од источното крајбрежје, а Кина да не окупира повеќе острови на соседите, ги спречува Иран и Саудиска Арабија да влезат во отворена војна, а го обезбедува и протокот на нафта низ Малачкиот и Ормутскиот теснец. Без улогата на американската морнарици, доларот нема да биде најпосакуваната валута на светот. Замислете само една од тие домино фигури како паѓа додека ковид-19 ја парализира САД. Секоја слабост во морнарицата, без разлика дали е замислена или реална, има светски последици.

Војската останува да важи за американска институција со најголема доверба во време кога таа е ниска, а партиската нетрпеливост голема. Постапките на Крозиер немаа политичка заднина, но требаше да биде свесен дека половина од државата, предводена од повеќето медиуми, ќе фрли политичка сенка врз неговата одлука, ќе ги влоши политичките поделби, а уште полошо е што ќе им даде повод на други воени лидери да го следат примерот. Додека американската економија минува низ тежок период, врвните инвестициски банки предвидуваат невработеност како од периодот на Големата депресија, а се ближат и жешките претседателски избори, Америка е во ранлива позиција. Во вакви времиња, најмногу ни се потребни институциите во пол ек.

Тешко може некој да остане рамнодушен на видео-снимките на кои гордите морнари го испраќаат Крозиер за последен па од неговиот брод. Оттогаш, многу Американци застанаа на негова страна, верувајќи дека Крозиер ја плаќа цената затоа што се заложил за своите. Но како колега од морнаричката академија и поранешен поморски офицер, разочаран сум што тој ја загрози државата во вакво тешко време. Крозиер пред себе ги стави луѓето, но како офицер, требаше на прво место да ја стави државата.

Превод: Билјана Здравковска