Експертите откриле дека долгото боледување предизвикано по инфекцијата од коронавирусот, таканаречен „долг ковид“, всушност не претставува еден симптом, туку се работи за четири симптоми кои можат да предизвикаат лавина од долгорочни последици на делови од мозокот и телото, пренесува „Ројтерс“. 

Во првичниот извештај за долгорочен ковид, британскиот Национален институт за здравствени истражувања (НИХР) стои дека една заедничка особина меѓу пациентите кои боледуваат седум месеци или подолго од нивната болест, е тоа што симптомите се појавуваат во една физиолошка област, како што се на пример срцето или белите дробови, за потоа да попуштат, а подоцна „да патуваат“ и повторно да се појават во друга област од телото.

– Станува јасно дека, за некои луѓе, инфекцијата со ковид-19 е долгорочна болест. Ова истражување ги нагласува штетните физички и психолошки влијанија кај пациенти кои се заразени долг период – вели доктор Елани Максвел, која го водеше истражувањето.

Пациентите кои долго боледуваат од ковид-19, боледувањето го нарекле „долг ковид“. Податоците од апликацијата за следење на симптоми на Кралскиот колеџ во Лондон покажуваат дека 10 отсто од пациентите остануваат во лошо здравје по три недели, а до 5 отсто може да продолжат да бидат болни и со месеци.

Максвел и нејзините колеги ги повикаа пациентите и лекарите да ги следат и забележуваат сите симптоми, со цел здравствените истражувачи да можат да научат повеќе за состојбата на пациентите кои страдаат од „долг ковид“. 

Според податоците од пациентите, симптомите може да бидат циклични, со симптоми кои флуктуираат во сериозноста и „шетаат“ по телото, главно околу респираторниот систем, мозокот, кардиоваскуларниот систем и срцето, бубрезите, цревата, црниот дроб и кожата. Истражувањето покажало дека симптомите може да ги искусат сите, без разлика на возраста и нивната претходна здравствена состојба. 

– Нашата цел е здравствените услуги и персоналот да го искористат ова истражување  за подобро да можат да ги разберат искуствата со кои се соочуваат пациентите и да им обезбедат пристап до третманот, грижата и поддршката што им се потребни – вели Максвел.