Илустрација: Фајненшл тајмс

Кампањите и некои политичари тврдат дека е потребно повеќе информации да ѝ се достапни на јавноста

Автор: Донато Паоло Манчини

Фајненшл тајмс

На почетокот од годинава, Сандра Галина, италијанска бирократка која е задолжена за набавка на вакцините против коронавирус за Европската Унија (ЕУ), се обрати пред Европскиот парламент на покана на европратениците кои побараа поголема транспарентност за доверливите договори за набавка на блокот со фармацевтските компании.

– Целосно ги разбирам критиките. Само преку дијалог и дискусии можеме навистина да дадеме точна слика за она што го правиме – порача Галина во септември кога ги избегна нападите на она што многумина го осудија како премногу матна постапка, со оглед на парите и животите што се во прашање.

Но и по два месеца, сепак многу малку е познато за условите во договорите за вакцини кои ЕУ ги потпиша со фармацевтските компании како „Астра зенека“, „Фајзер“ со „Бионтек“, „Санофи“ со „Гласкосмитклајн“ („ГСК“) и „Кјурвак“. Договорите за набавка на лекови секогаш се доверливи, а фирмите ретко објавуваат комерцијални информации. Но со оглед на невиденото ниво на јавни инвестиции во развојот на вакцини против ковид-19, граѓанските групи и некои политичари тврдат дека треба да се направи исклучок и повеќе информации да се споделат во јавноста.

– Се работи за култура на нетранспарентност. Особено фрустрира состојбата со ковид-19 поради големиот интерес на јавноста и вложената сума на пари. Кога ќе се отстрани тајноста, ќе се види масовна приватизација на милијарди долари во владини фондови – истакна Џејми Лав, шефот на американската група на интерес „Нолиџ еколоџи интернешенел“ (КЕИ).

Малку информации официјално се објавуваат од страна на самите компании или од владините купувачи. Лица брифирани за преговорите меѓу фармацевтските производители и Европската комисија рекоа дека „Астра зенека“ ја продала својата вакцина за околу три до четири долари за доза, а онаа на „Џонсон енд џонсон“, како и на заедничките напори на „Санофи и „ГСК“ се продале за 10 долари по доза.

„Астра зенека“ која вети дека нема да профитира од својата вакцина за време на пандемијата, склучи барем еден договор според кој има право да прогласи крај на пандемијата во јули 2021 година. Американската биотехнолошка фирма „Модерна“ соопшти дека ќе наплати максимум 37 долари за доза откако „Фајненшел тајмс“ објави дека сакала двете дози на вакцината да ги продава за 50 до 60 долари. Ниедна организација не го објави склучениот договор во целост, а малку се познати детали од преговорите.

Еден висок европските претставник порача дека ЕУ сè уште преговара за да потпише договор со бостонската „Модерна “ и „Новавакс“ од Мериленд. Американските компании претпочитаат да ги користат надворешните правни фирми околу преговарањето на посложените прашања, особено околу одговорноста што го усложнува самиот процес на постигнување договор.

Во септември во Европскиот парламент, Галина истакна дека силно се спротивставила на притисокот од фармацевтските компании да се откажат од нивната вообичаена обврска, со оглед на забрзаните рокови во истражувањето и развојот. Таа посочи дека „директивата за одговорност на производот воопшто не била предмет на дискусија и воопшто не би сакале да менуваат еден таков систем“.

Но загриженоста околу корпоративната одговорност останаа спорни и го одложи соопштувањето на договорот овој месец меѓу ЕУ и „Фајзер и „Бионтек“ за 300 милиони дози, како што изјавија лица запознаени со тематиката. Договорот требаше да биде претставен на 9 ноември кога беа објавени позитивните резултати од вакцината, но беше одложено за три дена додека не се решеа тие прашања, велат тие. „Фајзер“, „Бионтек“ и Европската комисија одбија да дадат коментар.

Притисокот за поголема транспарентност даде одредени резултати. Стела Киријакидис, комесарката за здравство и безбедност на храна, овој месец порача дека Комисијата размислувала да им даде информации за договорите на одредени европратеници „со посебни услови“ кога ќе завршат преговорите. Киријакидис „целосно ја разбира“ важноста на транспарентноста, но посочи дека Комисијата не може еднострано да ги објави договорите и додаде дека јавното споделување може да ја ослаби преговарачката позиција.

Јанис Нацис, политички советник во Европскиот сојуз за јавно здравје и член на одборот во Европската агенција за лекови, го поздрави потегот, но истакна дека „ѓаволот се крие во деталите“. Во САД, Кетрин Адрицоне, правната застапничка на КЕИ, изјави дека владата имала тенденција да биде помалку транспарентна од производителите, а редактирала дури и информации во документите што компаниите ги објавиле според законот за слобода на информации.

Превод: Билјана Здравковска