Првите двајца волонтери, од вкупно 800 пријавени, ја примија пробната вакцина против ковид-19 на Универзитетот во Оксфорд, објави Би-би-си.

Половина од волонтерите ќе ја примат вакцината против ковид-19, а другата половина ќе добијат контролна, против менингитис, која не штити од коронавирус.

Само лекарите што учествуваат во студијата ќе знаат која вакцина ја примил секој доброволец.
Меѓу нив е и Елиса Гранато, која ја прими вакцината, а за Би-би-си изјави дека и самата е научник и дека сакала да го поддржи научниот процес на овој начин.

Вакцината е развиена за помалку од три месеци од тим од Универзитетот „Оксфорд“. Сара Гилберт, професорка по ваксикологија на Институтот „Џенер“, спроведе претклинички истражувања.

– Лично, имам висок степен на доверба во оваа вакцина. Секако, ние мора да ја тестираме и да добиеме информации од луѓе. Мора да покажеме дека таа навистина дејствува и ги спречува луѓето да се заразат со коронавирус пред употребата на вакцината кај општата популација – објасни таа.

Професорката Гилберт претходно изјави дека е 80 проценти убедена оти вакцината ќе дејствува, но сега повеќе не сака да каже дека е многу оптимист.