Бил Гејтс стравува од дисфункционален пристап за дистрибуција на вакцините против ковид-19, и покрај напорите на фармацевтските компании за создавање на ветувачки вакцини-кандидати, како што изјави за американските медиуми.

Коосновачот на „Мајкрософт“ е загрижен поради логистиката за дистрибуција на вакцините, која според него во САД ќе биде препуштена на американските сојузни држави, без водство на државно ниво. Во ваков случај се поставуваат прашањата дали вакцината ќе ја добијат оние на кои им е најпотребна, како ќе се складира, кој ќе води евиденција за примените дози и за резултатите…

 – Загрижен сум дека за дистрибуцијата на вакцината нема да бидат одговорни вистинските луѓе. Тоа моментно е дисфункционална група – вели Гејтс, кој додава дека ниту улогата на армијата при дистрибуцијата не е јасна.

Милијардерот не е толку загрижен во однос на тоа дали луѓето ќе имаат желба да се вакцинираат. 

 – Секогаш постои колебање за вакцината. Има десничкарско и левичарско колебање. Се надевам дека нема да стане како случајот со носењето на заштитни маски, каде што одредени луѓе сметаат дека тоа е нарушување на слободата – истакна Гејтс.

Тој смета дека администрацијата на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп не се справила доволно добро со пандемијата, додека го пофали изборот на советници задолжени за справување со пандемијата кои ги избрал наследникот на Трамп, Џо Бајден.

Гејтс заклучи дека пандемијата „не е светска војна, но е блиску до таквата состојба“.