Фото: Твитер

Имунизацијата на вработените прекината по забраната на Флорида

Компанијата „Дизни“ привремено ја запре задолжителната вакцинација за вработените во забавниот парк на Флорида, откако гувернерот и законодавството на американската сојузна држава донесоа одлука дека барањето на компаниите за задолжителна имунизација на вработените е незаконско, пренесува „Њујорк тајмс“.

„Дизни Ворлд“ претставува пример за незгодната ситуација во која се најдоа и најпознатите брендови, соочувајќи се со политичката расправија во однос на одговорот на пандемијата.

Законодавството на Флорида контролирано од Републиканската партија во средата го усвои законот со кој се блокира задолжителната вакцинација, а гувернерот Рон Десантис го потпиша наредниот ден. Тој го оквалификува законот како напор за заштита на работниците кои можат да ги загубат работните места поради одбивањето да се вакцинираат.

Десантис е во првите редови на политичката битка за ограничување за задолжителната вакцинација и за носењето заштитни маски, велејќи дека отпорот кон овие мерки се спротивставува на прекумерните овластувања на федералната власт.

– Никој не теба да ја загуби работата поради строгите ковид-прописи. И ние имаме одговорност да ја заштитиме добросостојбата на луѓето на Флорида – се вели во изјавата на гувернерот.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден нареди вакцинација на работниците во големите компании и во федералните служби, но неговата заложба наиде на отпор ширум државата. А Флорида е меѓу сојузните држави кои ја оспорија задолжителната вакцинација на суд.

Новиот закон на Флорида им забранува на работодавците да ја спроведуваат задолжителната вакцинација, овозможувајќи им на вработените да изберат исклучоци кои вклучуваат здравствени или верски убедувања, или пак да не се вакцинираат доколку веќе го прележале коронавирусот. Невакцинираните работници можат да бидат периодично тестирани или да носат заштитна опрема. Казните за прекршување на законот изнесуваат од 10 до 50 илјади долари дневно, во зависност од големината на бизнисот.

„Дизни Ворлд“ претходно постигна договор со вработените во забавниот парк, со кој од нив се бара да бидат потполно вакцинирани против ковид-19 за да ги задржат работните места. А компанијата ја бранеше ваквата спогодба и преку соопштение до јавноста. Повеќе од 90 отсто од вработените на компанијата на Флорида потврдиле дека се вакцинирани, пред да стапи на сила законската забрана.