Десетте најбогати луѓе во светот би можеле да купат вакцини за сите жители на планетата, покажуваат податоците од извештајот на меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“.

Нивното вкупно богатство се зголеми за 540 милијарди долари за време на пандемијата на коронавирусот и сега изнесува 11,95 трилиони долари, се наведува во извештајот на организацијата под наслов „Вирус на нееднаквост“.

Тие пари се доволни за да се спречи скоро секој поединец да падне во сиромаштија за време на пандемија и да му обезбеди вакцина против коронавирусот, пресметале истражувачите од „Оксфам“, пренесува „Ројтерс“.

Количината на богатство што ја имаат овие 10 лица е еднаква на вкупното трошење на членките на Г20 за да закрепнат од пандемијата. Затоа „Оксфам“ ги повикува владите да размислат за оданочување на супер богатите.

Некои од нив дадоа значителен придонес за итен одговор на пандемијата.

Меѓу 10-те најбогати луѓе се наоѓаат основачот на „Амазон“ Џеф Безос, извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск и основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг.