Во светот има уште многу вируси, кои може да предизвикаат глобални пандемии со разорни последици. Мораме што побрзо да ги откриеме пред тие да нѐ откријат нас, предупредува кинескиот виролог Ши Женгли

КИНЕСКИ ВИРОЛОГ ПРЕДУПРЕДУВА

Вирологот Ши Женгли во своите научни експедиции открила десетици смртоносни вируси слични на САРС во пештерите со лилјаци во Кина. Во светот има уште многу неоткриени вируси, кои допрва би можеле да предизвикаат пандемии со разорни последици, предупредува Ши, која е позната и како Бетвомен поради истражувањата на вирусите во пештерите со лилјаци.
Кинеските власти во Вухан, од каде што почна актуелната пандемија на коронавирусот, во декември се обратиле до лабораторијата на Ши и побарале да испита нов вирус кај пациенти со тешка нетипична пневмонија. Тие се сомневале оти станува збор за нов патоген од семејството на вируси пренесени од лилјаци, како тој што предизвикувал тежок акутен респираторен синдром или САРС и во 2002-2003 година уби 800 луѓе. Ши прво помислила дека властите згрешиле во процените, но вирусот почна брзо да се шири во наредните недели.
Актуелната пандемија е една од најтешките во изминатите децении. Научниците долго време предупредуваат дека се зголемуваат ризиците од појава на нови заразни болести, особено во земји каде што густонаселените места со луѓе се мешаат со природните живеалишта на дивите животни.
– Исклучително е важно да се открие изворот на инфекцијата и синџирот на пренесување на вирусот меѓу различни видови – вели Питер Дазак, експерт за заразни болести и претседател на организацијата „Екохелт алајанс“, која во обидот да открие нови вируси соработува со научници во светот како Ши.

Ши веќе 16 години предводи научни експедиции за откривање и проучување на новите вируси кај лилјаците. Нејзиниот тим истражувал над 30 пештери во обид да го открие „виновникот“ за САРС, првата голема епидемија во 21 век. Пред САРС, светот многу малку знаеше за коронавирусите, кои се именувани според фактот што нивната површина под микроскоп личи на круна. Во напорите да се открие изворот на САРС, научниците нашле стотици коронавируси, чии носители биле лилјаци, меѓу кои и потковичестоносните лилјаци. Според Ши, повеќето коронавируси се безопасни, но десетици припаѓаат на истата група како САРС и тие може да ги инфицираат белите дробови кај човекот и да бидат отпорни на разни вакцини, пренесува „Саентифик Американ“.

Во Вухан, тимот на Ши до 7 јануари потврдил дека пациентите се разболеле од вирус, кој сега е наречен САРС ков-2 бидејќи е поврзан со истиот патоген на САРС, односно 96 отсто е идентичен со коронавирусот што истражувачите претходно го откриле кај потковичестоносните лилјаци. Иако епидемијата во Вухан е шестата епидемија предизвикана од вируси што ги носат лилјаците, научниците велат дека животните не се проблемот, туку дека тој се појавува кога луѓето доаѓаат во контакт со нив. Самите лилјаци помагаат во одржувањето на биодиверзитетот и на стабилноста на нивните екосистеми. Според научниците, новите патогени се појавуваат во густонаселени места, каде што човекот ја менува животната средна, градејќи патишта и уништувајќи ги шумите.

Кина не е единствената што го прави тоа. Вухан би требало само да ја разбуди свеста за итно дејствување. Научниците интензивно се обидуваат да најдат вакцини и лекови против коронавирусите што се опасни за луѓето. Експертот за заразни болести, Дазак, вели дека ова е само почеток. Неговиот тим проценува дека во светот има околу 5.000 вида коронавируси, кои допрва би можеле да бидат откриени кај лилјаците.
– Коронавирусите што ги пренесуваат лилјаците во иднина ќе предизвикаат нови епидемии. Мораме да ги откриеме пред тие да нѐ откријат нас – порачува Ши. 


Излекуван италијанскиот „нулти пациент“

Италијански лекари соопштија дека успеале да го излекуваат првиот пациент заразен со коронавирус во земјата. Мажот на 38-годишна возраст во тешка здравствена состојба бил примен на Одделот за интензивна нега на 20 февруари, но до 9 март не му била потребна помош од апарати за дишење и тој продолжува да заздравува, пренесува „Вечерње новости“.
– За да биде лекувањето успешно, мора да има комбинација од три фактори: терапија со која се одржува виталноста, како хидратација, вештачко хранење и слично, потоа третмани со коктели од експериментални лекови и отсуство на дополнителни компликации – велат лекарите.


Пандемијата може да заврши до јуни

Пандемијата на коронавирусот би можела да заврши до јуни ако земјите со тешка епидемиолошка ситуација ги преземат неопходните мерки, изјави претседателот на комисијата при Државниот комитет за јавно здравје на Кина, Џунг Наншан. Тој вели дека во лето, при релативно висока температура, вирусот не е многу активен, па епидемијата ќе почне да го намалува интензитетот. Џунг нагласи оти вирусот е многу заразен и дека е потребна огромна интервенција за да се контролира. Кинеските власти претходно оценија дека врвот на епидемијата во Кина веќе поминал, посочува „Спутник“.